„Во Данска нема никакви планини и ридови, па затоа дојдовме на идеја да направиме вештачка патека за алпско скијање“, вели данскиот архитект Бјарке Ингелс.
Неговото студио стои зад дизајнот на новата вештачка скијачка патека во главниот град Копенхаген, изградена на покривот на огромен согорувач, кој гори ѓубре и така произведува греење и електрична енергија.
„Електрична централа не мора да биде некоја грда кутија што го нарушува погледот на соседите. Таа може да биде и најпопуларен парк во градот“, вели Ингелс.
Благодарание на технологијата која ги прочистува нејзините емисии, „Амагер баке“ важи за една од најчистите светски централи која претвора ѓубре во енергија. Таа почна да работи во 2017 година, а пред неколку дена ја пушти во употреба и својата скијачка патека. Проектот се правеше речиси една деценија и чинеше 550 милиони евра.
Баке значи рид на дански и за земја чијашто највисока точка се наоѓа на надморска височина од 170 метри, 450 метри долгата патека, која почнува од височина од 85 метри, е нов симбол.
Фирмата на Ингелс ќе управува со рекреациската зона на централата. Дополнителни безбедносни мерки ќе бидат воведени пред да им се дозволи на луѓето да скијат. Од покривот на централата ќе има целосен поглед кон градот, пристаништето и околната тешка индустрија, а станбени блокови се оддалечени само неколку стотици метри. Околу 50.000-60.000 скијачи се очекуваат секоја година.