„Џокер“ постави нов рекорд за октомври откако дебитираше во кината во Северна Америка со заработка од 93,5 милиони долари. Досегашниот рекордер беше „Веном“ од ривалскиот „Марвел“, кој лани донесе приход од 80 милиони долари.

На глобално ниво, „Џокер“ почна да се прикажува во 73 земји, заработувајќи дополнителни 140,5 милиони долари за вкупни 234 милиони во првиот викенд.

„Ова е далеку поголем резултат отколку што очекувавме глобално. Настрана рекордите, ние сме возбудени што публиката така добро го прифати филмот“, изјави Џеф Голдстин, шефот на домашната дистрибуција на „Ворнер брос“.

Од премиерата на Венецискиот филмски фестивал, каде што беше прогласен за најдобар филм, „Џокер“ беше и фален и критикуван за својата мрачна верзија на најпознатиот противник на Бетмен. Во режија на Тод Филипс, досега познат само по комедии, „Џокер“ беше снимен за 55 милиони долари и е голем фаворит во претстојната сезона на награди.