Тел Авив се надева дека ќе постави нов рекорд за највисока Лего кула во светот, во спомен на осумгодишно момче кое почина од рак, соопшти портпаролката на главниот израелски град.

Градот планира да достави апликација до Гинисовата книга на рекорди за кулата од 35,95 метри, која е направена од половина милион шарени пластични тули. Моментално, највисоката Лего кула се наоѓа во Милано и е висока 35,05 метри.

Кулата на плоштадот Рабин во Тел Авив е во спомен на Омер Сајаг.

„Омер секогаш сакаше да си игра со Лего коцки и проектот е во негово сеќавање”, рече портпаролката на градот.

Компанијата „Лего“ од Данска не беше вклучена во проектот, кој беше финансиран од донации, додаде таа.