Околу 450 деца од сиромашни семејства добија подароци од пријателите на здружението „Проект среќа“.

Акцијата „И јас сум Дедо мраз“ почна на 1 декември и во неа учествуваа и јавни личности и компании, а имаше за цел да се обезбедат новогодишни подароци за децата, чии семејства не можат да си дозволат да им купат. Како изненадување, тие им беа донесени од Дедо Мраз, кој сѐ уште патува низ Македонија. Планирано е да се израдуваат околу 1.000 деца.

Планирано е да се израдуваат околу 1.000 деца, вели Кристина Арнаудова, претседател на здружението „Проект среќа“

„Овој хуманитарен проект постави рекорди во колективното донирање и хуманост. Рекордер е ‘Комерцијална банка‘ со 400 донирани подароци. Покровител на акцијата е компанијата ‘Комфи ангел‘ од Прилеп. Секое дете беше лично посетено. Застанувавме по пат во секоја куќа што ни изгледаше како место, во коешто на децата им треба новогодишна среќа, особено низ селата. Наидовме на огромен одзив од јавни личности и од компании. Во акцијата не се вклучија политичари и кондиторски фабрики“, изјави Кристина Арнаудова, претседател на здружението „Проект среќа“.

Карванот на здружението помина низ повеќе домашни села и општини, како и институции: градинката „Мали пријатели“ во Шуто Оризари, дневниот центар „Шуто Оризари“, центарот „Ранка Милановиќ“ и училиштето „Братство и единство“ од селото Долно Коњари.

„Проект среќа“ ќе ѝ помогне и на Благородна Димитриевска од Куманово, самохрана мајка на три деца, кои живеат без социјална помош.