Португалското архитектонско студио „ООДА“ го објави дизајнот на нов облакодер во Тирана составен од 13 скалесто наредени коцки. Станбената зграда „Хора вертикале“ ќе почне да се гради напролет и ќе биде висока 140 метри.
„ООДА“ ја опиша зградата како „уникатно вертикално село сместено среде голем зелен град“. Иако варираат во изглед, секоја од 13-те коцки има димензии 22,5 со 22,5 метри и седум ката, што, според студиото, е типична височина на згради во Тирана.
„Секоја коцка отелотворува уникатен концепт поврзан со уметноста и е инспирирана од локалниот народен јазик. Зградата ќе биде направена од материјали со локално потекло“, велат од „ООДА“.
„Хора вертикале“ е последниот облакодер со карактеристичен дизајн најавен дека ќе се гради во Тирана. Меѓу нив е и 85 метри висока зграда моделирана според биста на албанскиот национален херој Скендербег.