ХОЛАНДСКИОТ ГРАД УТРЕХТ ГО ОТВОРИ НАЈГОЛЕМИОТ ПАРКИНГ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ НА СВЕТОТ

Утрехт, (Гардијан)

Холандија е држава во којашто има повеќе велосипеди отколку жители, па паркирањето може да биде проблем. Утрехт пронајде решение во рамките на својата железничка станица, кадешто денеска беше отворена најголемата паркинг област за велосипеди на светот.

Структурата од бетон и стакло нуди простор за 12.500 велосипеди на своите три спрата и таа е дел од стратегијата која предвидува вложување на стотици милиони евра во подобрувањето на велосипедската инфраструктура низ Холандија.

„Се стремиме кон тоа да бидеме велосипедски рај, но треба да направиме уште многу работи. Велосипедот е нашето тајно оружје против сообраќајниот метеж, аерозагадувањето и климатските промени и исто така е добар за нашите здравје и паричник. Ако сакаме да ги извадиме луѓето од автомобилите, мора да имаме лесен и удобен јавен превоз и притоа да не се губат половина час на барање место за паркирање велосипед“, изјави министерката за инфраструктура Стинтје фан Фелдхофен.

Според официјалните статистики, Холанѓаните во 60% случаи одат на работа со автомобил, иако возењето велосипед во најголемите градови Амстердам, Ротердам, Хаг и Утрехт е доста вообичаено.

Утрехт е град во кој во 1885 година била изградена првата велосипедска патека во Холандија и секој ден, 125.000 луѓе доаѓаат во центарот со велосипед.