Повеќе од 7.000 резервации однапред доби првиот подводен ресторан во Европа, кој се отвора денеска во Норвешка за сопствениците и семејствата, а првите гости се очекуваат во април.

Сместен во Линдеснес, југозападно од Осло, ресторанот „Under“, што на норвешки значи чудо, наликува на голема бетонска цевка која навлегува во Северен Атлантски Океан. Дизајниран е од славното архитектонско студио „Снехета“, кое работеше на Оперската куќа во Осло и на меморијалот за 11 септември во Њујорк.

Влезот во ресторанот потсетува на сауна, со дрвени штици на горниот дел, а потоа осум метри долгите скали го носат гостинот во голема просторија со огромен прозорец кон морето, кадешто може да се сместат 40 гости. Ресторанот е дизајниран така да има минимални рефлексии на стаклото, кое преку ден ја полни собата со природна светлина.
Полн оброк, базиран на локални состојки и морска храна, може да чини до 3.700 круни (430 долари), вклучувајќи ги и пијалоците.
Подводни ресторани досега можеа да се најдат само во тропските предели, како на Малдиви во Индиски Океан.