БАНКСИ ГО ПОДДРЖА ДВИЖЕЊЕТО „ЦРНИТЕ ЖИВОТИ ЗНАЧАТ“ СО СВОЕТО НОВО ДЕЛО

Лондон, (Гардијан)

Британскиот графити уметник Банкси му изрази поддршка на движењето „Црните животи значат“ со своето најново дело, на кое е прикажано запалено американско знаме.

„Во прв момент помислив дека треба да замолчам и да ги оставам црномурестите луѓе да зборуваат за проблемот. Но, зошто би го направил тоа? Тоа не е нивни проблем, туку мој. Луѓето со друга боја на кожа се изневерени од системот, белиот систем. Како расипана чешма која го поплавува станот на луѓето кои живеат подолу. Ова е бел проблем. И ако белите луѓе не го поправат, некој ќе се качи горе и ќе ја развали вратата“, напиша Банкси на Инстаграм, каде што го објави своето последно дело.

Тоа прикажува американско знаме запалено од пламенот на свеќа за бдеење.

Низ САД речиси две недели се одржуваат протести против полициска бруталност и расизам, кои почнаа како реакција на убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд на 25 мај во Минеаполис.