БАНКСИ ЗА ТРИ ДЕНА ОБЈАВИ ДЕКА НАСЛИКАЛ ТРИ ГРАФИТИ СО ЖИВОТНИ НИЗ ЛОНДОН

Лондон, (Би-Би-Си)

Банкси објави дека насликал уште еден графит во Лондон, трет од серијалот со животни во изминатите три дена. Овојпат, насликал три мајмуни. Мистериозниот графити уметник на 7 август на Инстаграм објави фотографија од мајмуните кои како да се лулаат на мост на железничка станица во источен Лондон.

Фото: ПА

„Банкси организира кампањa: го зголемува бројот на животни во различни делови на Лондон. Каде ќе се појави следно? Никој не знае. Прилично е возбудливо ако сте негов обожавател. Ова е одлично за Лондон во август“, изјави Џејмс Пик, кој го следи Банкси за Би-Би-Си.

На 6 август, Банкси објави фотографија од две силуети на слонови со сурлите свртени една кон друга, насликани на ѕид на куќа во Челзи. Претходниот ден потврди дека насликал коза качена на врвот на столб во Ричмонд.

(Фото: ПА)