Јавни личности како Бијонсе, Хилари Клинтон и голем број спортски и боливудски ѕвезди пристигнаа во индиската сојузна држава Раџастан за свадбата на ќерката на најбогатиот човек во земјата.
Иша Амбани в среда ќе се омажи за Ананд Пирамал, син на уште еден индиски милијардер, но прославите почнаа уште викендов и се очекува ова да биде една од најбогатите и најгламурозни свадби во земјата. Бијонсе настапи вчера, на еден од традиционалните настани со пеење, играње и други ритуали што ѝ претходат на свадбата. Нејзиниот хонорар не беше јавно објавен.
Според локалните медиуми, гостите дојдоа на свадбата со 100 чартер-летови.
Иша (27) е ќерка на претседателот на „Рилаенс индустрис“ Мукеш Амбани, кого „Форбс“ го прогласи за најбогат човек во Индија. Неговото богатство е проценето на 47 милијарди долари, со што е 19. најбогат човек на светот.
Од друга страна, таткото на младоженецот „тежи“ 5,4 милијарди долари, со што бракот ќе ги спои двете највлијателни семејства во Индија.