Четврта година по ред, Сингапур ја понесе титулата за најскап град за живеење на светот, покажа истражувањето на Економската разузнавачка единица (ЕИУ).

Хонг Конг се наоѓа на второто место, по што следуваат Цирих (Швајцарија) и јапонските градови Токио и Осака.

Иако го држи првото место, истиот извештај покажува дека Сингапур е сѐ уште „поевтин во некои категории, во споредба со своите регионални конкуренти“.

„Сингапур е поевтин кога се во прашање лична нега и предмети за домаќинство, но тој е најскап град на светот за купување и возење автомобил, како и втора најскапа дестинација за купување облека. Во поглед на храна и пиење, тој е на исто ниво со Шангај“, се вели во извештајот.

Во десетте најскапи градови уште се Сеул (Јужна Кореја), Женева (Швајцарија), Париз (Франција), Њујорк (САД) и Копенхаген (Данска).

Што се однесува до најевтините градови за живеење, на врвот на листата се наоѓаат Алмати (Казахстан), Лагос (Нигерија) и Бангалор (Индија).