Д-р Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија, е прогласен за Маж на годината, на првиот ваков избор што го организираа машкиот онлајн магазин Friday.mk и агенцијата за организирање настани „Моментум“. На свечениот настан, што се одржа во „Тренд гастро бар“ во Скопје, вкупно беа наградени десетмина успешни мажи во Македонија.

Дел од наградените на првиот избор Маж на годината

Титулата Маж на годината замина во рацете на Чадиковски, лекар со импресивна кариера и добитник на голем број признанија, кој го води Одделот за детска кардиохирургија на Клиниката за детска хирургија во Скопје.

„Ќе се потрудам да придонесам во Македонија да бидат применети европски стандарди во лекувањето на децата“, рече Чадиковски, кој ја доби и наградата во категоријата Маж со најголем придонес во општеството.

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп беше прогласен за Маж-странец на годината и примајќи ја наградата, се пошегува дека тој не се пронаоѓа во оваа категорија.

„Малку ми е криво што сум награден како странец, оти јас и мојата сопруга во Македонија се чувствуваме како дома“, кажа Пломп.

Не се смета за странец во Македонија. – Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп

Живко Мукаетов, сопственикот на „Алкалоид“, е Менаџер на годината, наградата за Млад менаџер ја доби Душко Чифлиганец, Маж со најголем придонес во културата е режисерот Ѓорче Ставрески, а за Маж со најголем придонес во спортот беше именуван Кире Лазаров. Во категоријата Маж со најдобар стил, наградата ја доби министерот за надворешни работи Никола Димитров, а за Маж со трајни вредности беше избран Трифун Костовски.

„Има многу мажи кои имаат стил на облекување, но ако жирито ме споредувало со другите политичари, тогаш изборот е добар“, изјави Димитров.

Настанот го поддржаа Сојузот на стопански комори на Македонија и Агенцијата на менаџери на Македонија.

А. АНТЕВСКА