Европските автопроизводители се подготвуваат 2020 да ја направат година на електрични автомобили, лансирајќи низа нови модели, како што се обидуваат да ја намалат емисијата на штетни гасови од своите производи.
Досегашните електрични модели немаа така агресивен настап на пазарот, но во новата година, во овој сегмент се вклучуваат и некои познати имиња, како „мини“, „корса“ и „фиат 500“.
Бројката на електрични автомобили што ќе можат да се купат во Европа ќе порасне од 100 на 175 до крајот на 2020, објави аналитичката компанија „ИХС маркит“. До 2025 година, ќе ги има повеќе од 330.
Пазарот на електрични автомобили забрзано се шири. Со новите правила кои стапуваат на сила на 1 јануари, Европската Унија драстично ќе ги казнува автопроизводителите ако просечната емисија на јаглероден диоксид од нивните возила надминува 95 грама по километар. Ако го надминат ограничувањето, тие ќе плаќаат 79 фунти за секој грам повеќе, помножено со вкупната бројка продадени автомобили. Во 2018 година, по овој основ би се наплатиле казни во висина од 28,6 милијарди фунти.
ПЕТТЕ НАЈОЧЕКУВАНИ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ВО 2020
- „Фолксваген ИД.3“ треба да се појави во почетокот на годината и ќе има цена од околу 26.000 фунти. Со едно полнење ќе може да помине околу 330 километри. Тој ќе биде следен од електричниот теренец „ИД.4“ и од „Фолксваген“ велат дека целото производство ќе биде јаглеродно неутрално.
- „Воксхол корса-е“ ќе ги дели основните делови со „пежо е-208“. Доаѓа во април, со цена од околу 26.490 фунти.
- „Тесла модел Y“ е теренец што ќе може да собере седум луѓе. Производството треба да почне во лето 2020 и ќе чини околу 30.300 фунти.
- „Форд мустанг мак-е“ ќе биде првиот електричен модел на легендарната американска компанија. Овој теренец ќе има цена од околу 35.000 фунти.
- „Фиат 500 електрик“ ќе излезе на пазарот подоцна во 2020 година и треба да чини околу 28.000 фунти.