Ѕвездите на италијанскиот стрип Алесандро Билота и Серџо Џерази два часа одговараа на прашањата и ги споделуваа своите искуства на средбата со учесниците на фестивалот Џифони во Младински културен центар. Младите покажаа голем интерес за оваа уметност и поставуваа и прашања кои на гостите им беа по малку тешки за одговарање.
На мастеркласот на авторите на „Дилан Дог“ се придружија и амбасадорот на Италија во Македонија, Андреа Силвестри, и македонските стрип автори Давор Драмиќанин и Здравко Гиров.
Во рамките на Денот на италијанскиот стрип, Силвестри им ги врачи наградите на најдобрите млади уметници кои твореа на конкурсот за постер посветен на настанот. Првото место го освои Дамјан Шокев, студент на Факултетот за дизајн и мултимедија на АУЕ-ФОН, пред Иван Коминовски и Трена Џепароска.
Џифонците добија изненадување од Серџо Џерази. Еден од средношколците доби можност да даде насоки за измислен стрип лик, а Џерази го црташе во истиот момент.
„Кога работам, некогаш имам реални ликови што ги замислувам, ама не сакам да се врзувам многу со нив. Уметникот мора да направи дистанца и од своите ставови, стравови и слично, зашто многу лесно може да му ги пренесе на ликот“, вели Билота и ги советуваше младите кои сакаат да се занимаваат со оваа уметност да ги градат сами своите приказни и дека инспирацијата е насекаде околу нив.
Билота и Џерази истакнаа дека за уметникот е најважно да има слобода во креирањето, а создавањето стрип е тимска работа.
Амбасадорот Силвестри се осврна на историјата на италијанскиот стрип и истакна дека светот понекогаш е во заблуда дека култните стрипови Загор, Алан Форд и Дилан Дог се од Англија или САД, а всушност се италијански.