БАРСЕЛОНА ПЛАНИРА ДА ВОВЕДЕ ЛЕТЕЧКО ТАКСИ ВО 2022

Барселона, (Гардијан)

Шпанските воздухопловни власти ги објавија плановите за воведување летечка такси служба во Барселона и Сантјаго де Компостела во 2022 година.

„Мора да ја преселиме урбаната мобилност во третата димензија: воздушен простор. И тоа мора да го направиме што е можно поефикасно и поодржливо“, изјави генералниот директор на Службата за цивилно воздухопловство Анхел Луис Аријас.

Тој вели дека работат на европски проекти кои вклучуваат користење летечко такси и други летечки возила за превоз на луѓе во урбани и полуурбани средини, како и користење дронови за достава.

„Планирано е со пробни летови во Шпанија да се почне во 2022 година, а првото летечко такси би било пуштено во промет во Барселона и Сантјаго де Компостела“, додаде Аријас.

Минатата година, шпанската технолошка компанија „Текналија“ претстави прототип на беспилотно летечко такси за еден патник, кое за 15 минути би можело да помине дистанца од 15 километри.