„БЛЕКФЛАЈ“ Е НОВ ОБИД ЗА ЛЕТЕЧКИ АВТОМОБИЛ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Летечки автомобил за чие управување не е потребна пилотска дозвола беше претставен во Калифорнија, а е дело на компанијата „Оупенер“, финансирана од коосновачот на Гугл, Лари Пејџ.

„Блекфлај“ може да патува до 40 километри, со брзина до 100 километри на час.

Неговите производители велат дека би чинел колку типичен спортски автомобил, со тоа што првите модели би биле нешто поскапи.

И неколку други летечки автомобили моментално се развиваат низ светот, додека Пејџ стои и зад проектот на приватно летало „кити хок“, кое е во фаза на тестирање во Лас Вегас.

Како и „кити хок“, и „блекфлај“ повеќе може да се окарактеризира како дрон управуван од возач и не е предвиден за друмско возење.

„Блекфлај“ може да превезува едно лице во малиот кокпит, а осумте погонски системи се распоредени долж двете крила.

Иако за него не е потребна дозвола за летање, возачите ќе мора да поминат низ тренинг-програма.