Младиот холандски пронајдувач кој постави голема пловечка бариера во Тихиот Океан за собирање пластичен отпад сака да ги прошири своите напори и на реките. Неговата цел е со нов пловечки уред да го собира ѓубрето од реките пред тоа да стигне до морињата.

Дваесет и петгодишниот Бојан Слат го почнал проектот „The Ocean Cleanup“ со цел да развие и примени систем за собирање пластичен отпад од океаните што го измислил кога имал само 18 години. Неговиот нов пловечки уред „Интерсептор“ (пресретнувач) работи на сончева енергија и тој би се поставил во реките.

„Мора да ја затвориме чешмата, односно да спречиме пластичен отпад да стигнува до океаните. Реките се артериите кои го носат ѓубрето од копното до морето“, вели Слат.

„Интерсептор“ е соларен пловечки уред кој би ја собирал пластиката од реките пред таа да стигне до морињата (Фото: АП)

Три негови машини веќе се пуштени во употреба во Индонезија, Малезија и Виетнам, а четвртата е на пат за Доминиканска Република. Изхам Хашим од регионалната влада на Селангор во Малезија вели дека се задоволни како таа работи.

„Таа се користи во реката веќе месец и половина и добро работи, собирајќи пластични шишиња и останато ѓубре“, изјави Хашим.

Слат вели дека 80% од пластичниот отпад што влегува во океаните доаѓа од 1.000 реки и тој сака да го спречи тоа во наредните пет години. Машината моментално чини околу 700.000 евра, но Слат се надева дека трошоците ќе се намалат.

„Ова нема да биде лесно, но замислете ако успееме. Ние повторно можеме да ги направиме океаните чисти“, вели Слат.

Експертите проценуваат дека девет милиони тони пластичен отпад секоја година доаѓаат во океаните од плажи, реки и потоци.