БРИТАНСКА ФИРМА НАПРАВИ МОТОРНО МАСЛО ОД ГУМИ ЗА ЏВАКАЊЕ И НОВОГОДИШНИ ЕЛКИ

Лондон, (ДПА)

„Нексел“, подружницата за иновации на британскиот бренд за моторни масла „Кастрол“, направи моторно масло од отпадни материјали, вклучувајќи гуми за џвакање и новогодишни елки.

„Проектот го покажува потенцијалот на одржливост на отпадот. Малкумина би помислиле дека искористени новогодишни елки или фрлени мастики за џвакање можат да имаат комерцијална вредност, но нашето моторно масло покажува дека и тоа е можно“, изјави Џон-Ворд Зински, директор за одржливост во „Нексел“.

Рецептот се состои од неколку рециклирани производи: 180 парчиња гуми за џвакање, 500 милилитри искористено масло за готвење, 14 батерии за домашна употреба, еден литар искористено моторно масло и една стара новогодишна елка. Од овој состав може да се добие само еден литар квалително масло за автомобили, но Ворд-Зински е убеден дека ова е само почеток.

„Со креативно искористување на модерната технологија, има голем потенцијал за рециклирање“, вели тој.