„БРНИНГ МЕН“ НЕМА ДА ГО ГРАДИ СВОЈОТ ГРАД ОВА ЛЕТО И ЌЕ БИДЕ ОНЛАЈН ФЕСТИВАЛ

Лас Вегас, (Дезин)

Организаторите на фестивалот „Брнинг мен“ ги откажаа плановите за изградба на привремениот град Блек Рок Сити оваа година и место тоа, ќе понудат виртуелна алтернатива.

Фестивалот го должи својот углед на утописки спектакл најмногу на уметниците кои во пустината во Невада ги изложуваат своите неверојатни инсталации. Оваа година, тоа требаше да се случи од 30 август до 7 септември, но тој стана уште една жртва на пандемијата на коронавирусот.

„По многу дискусии и внимателни разгледувања, решивме оваа година да не го градиме Блек Рок Сити поради болната реалност на КОВИД-19. Срцата ни се скршени, но тоа е исправна одлука“, соопштија организаторите.

Место тоа, ќе има онлајн фестивал насловен „Virtual Black Rock City“, заснован на темата за 2020 година, мултиверзум.

„Не знаеме како ќе излезе тоа. Може да биде хаотично и чудно и да има грешки, но може да биде и забавно и интерактивно“, рекоа организаторите.

Иако виртуелен, за настанот сепак ќе треба карта и тие ќе бидат ограничени на 100.000.