„БУБА“ ИСПРАТЕНА ВО ИСТОРИЈАТА СО МАРИЈАЧИ БЕНД, ПОСЛЕДНИОТ ПРИМЕРОК ОДИ ВО МУЗЕЈ

Пуебла, (Ројтерс)

Последниот примерок на „фолксваген буба“, еден од најпознатите автомобили на сите времиња, излезе вчера од производната лента на фабриката во Пуебла, Мексико и беше поздравен од гордите работници, десетици фоторепортери и од маријачи бенд.

По 81 година производство, прво во Германија, а во последните децении во Мексико, „Фолксваген“ одлучи да стави крај на автомобилот што беше симбол и на нацистичка Германија и на поствоениот економски просперитет на земјата, а потоа и на хипи контракултурата. Фабриката во Мексико ќе продолжи да произведува други модели на компанијата, вклучувајќи го новиот теренец „тарек“, што доаѓа во втората половина на 2020.

„Денеска е тажен ден, сите бевме многу емотивни. Ова е крај на една ера, крај на автомобилот кој ги освои срцата на луѓето со своите специјални дизајн и квалитет“, изјави извршниот директор на „Фолксваген Мексико“, Штефен Рајхе.

По 21,5 милиони продадени примероци, оригиналната „буба“ престана да се произведува во 2003 година, но таа претходно веќе беше заменета со „нова буба“, чија втора генерација излезе во 2011.

Последните примероци ќе се продаваат само на „Амазон“, а последниот произведен ќе се чува во музејот на „Фолксваген“ во Пуебла.