„Бугати“ конечно го покажа својот нов суперспортски автомобил „диво“, чија цена ќе биде пет милиони евра. Именуван според поранешниот француски тркач Алберт Диво, ова е модел кој треба да ја однесе француската компанија во иднината.
„Сè до денес, модерно „бугати“ претставува совршен баланс помеѓу високи перформанси, извонредна динамика и луксузен комфор“, изјави претседателот на „Бугати“, Штефан Винкелман.
Во споредба со двојно поевтиниот „широн“, „диво“ многу повеќе се фокусира на возачката динамика. Овој хиперавтомобил е полесен за 35 килограми, а неговата аеродинамика генерира дополнителни 90 килограми потисна сила.
Од друга страна, „диво“ и „широн“ го делат квад турбо В16 моторот, кој развива 1.500 коњски сили, при што максималната брзина е ограничена на 380 километри на час. Компанијата не објави колку секунди ќе му требаат до „стотка“.
Иако неговата почетна цена е пет милиони евра, сите 40 примероци однапред се продадени.