ХРВАТСКАТА АВТОКОМПАНИЈА „РИМАЦ“ БИ МОЖЕЛА ДА ГО ПРЕЗЕМЕ „БУГАТИ“

Франкфурт, (Ројтерс)

Хрватскиот производител на електрични хиперавтомобили „Римац“ и брендот на суперавтомобили „Бугати“ си одговараат во технолошка смисла, изјави извршниот директор на „Порше“, Оливер Блуме, најавувајќи дека двете компании наскоро би можеле да постигнат договор.

Специјализираниот британски магазин „Кар“ минатата година објави дека „Фолксваген“ сака да го продаде „Бугати“ на „Римац автомобили“. Во замена, „Порше“, кој исто така е во сопственост на „Фолксваген“, ќе го зголеми својот удел во „Римац“, што сега изнесува 15,5%.

„Во овој момент интензивно размислуваме како најдобро да се обезбеди развојот на ‘Бугати‘. ‘Римац‘ би можел да има улога во тоа зашто двата бренда си одговараат во технолошка смисла. Има различни сценарија и верувам дека одлуката ќе биде донесена во првата половина на годината“, изјави Блуме.

Компанијата основана од 33-годишниот хрватски претприемач Мате Римац има развиено платформа за електрични суперавтомобили што ја користат и други производители, како „Пининфарина“. Таа досега има претставено два свои модела: „консепт уан“ беше произведен во само осум примероци и може да развие 354 километри на час, а „консепт ту“ е уште побрз – 415 км/час и тој треба да се најде на пазарот оваа година по цена од два милиона евра.