ДЕВЕТ ФЕНГ ШУИ ТРИКОВИ ПРОТИВ СТРЕС ВО ВАШИОТ ДОМ

Њујорк, (Ридерс дајџест)

Фенг шуи е уметноста на максимизирање на позитивната енергија на средината кадешто живеете и како таков работи против стресот. Дозволете оваа стара кинеска традиција на ентериерот да ги подобри вибрациите на вашиот дом за време на одморите.

Расчистете го влезот

„Еден од најважните елементи е да имате чист влез. Тоа е местото од кадешто влегуваат добрата енергија чи  и хармонијата“, вели Мишел Кромер, професор на фенг шуи на Универзитетот во Ел Пасо.

Исто така, многу е важно вратата да не ви чкрипи. Според Кромер, влезната врата е претставник на елементот вода, така што кога би се одлучиле за боја, одберете сина или нијанса на сината боја.

Одржувајте ги ходниците празни и чисти

Ходниците не треба да имаат непотребни ситници. Тие создаваат стрес и ја блокираат циркулацијата на енергијата, објаснува специјалистката за фенг шуи, Праја Шер.

„Држете ги облеката и јакните во посебни плакари, за да не ја стагнираат енергијата и декорирајте со цвеќиња за постојано обновување на енергијата“.

Имајте зеленило во домот

Според Кромер, здравите растенија го зацврстуваат елементот дрво (чиј претставник е зелената боја) и симболизираат нови почетоци, семејство и врски, токму тоа што ни треба за одморите и новата година! Така што, распоредете разни растенија, како цвеќиња, фикус и миризливи тревки низ вашиот дом.

Бидете посебно внимателни со редот во кујната

Вниманието со елементите и боите во кујната е особено важно за менаџирање со стресот. Според Шер, доколку вашата кујна има премногу елементи на црвена, црна или сина боја (на пример, на шанкот, подот, ѕидовите или кујнските елементи), кујната полесно собира негативна енергија. Големо внимание треба да се покаже и кон тоа каде ќе се стават шпоретот и мијалникот, за елементите оган и вода да бидат што поубаво искомбинирани.

Создадете смирувачка атмосфера во трпезаријата

Особено околу празниците, трпезаријата е една од клучните соби. Таа претставува соединување на семејството. Шер препорачува да се употребуваат неутрални бои и додава дека постојат многу начини со кои уредувањето на домот може да поттикне стрес, а ние да не сме свесни за тоа.

„Идеалните маси се тркалезни или овални. Доколку имате квадратести или правоаголни маси со остри аголи, покријте ја масата со чаршав, бидејќи острите агли носат негативна енергија“.

Манифестирајте ги вашите желби во дневната соба

Исто како во трпезаријата, дневната соба бара неутралност во боите.

„Важно е главниот мебел да биде потпрен на ѕид. Држете некоја понова семејна слика на источниот дел. Можно е да ви помогне и ‘визуелна табела‘ или други работи кои го рефлектираат тоа што го сакате, за да ви ги одржи позитивните мисли за време на одморите“.

Постигнете баланс во спалната соба

Минимизирајте ги електронските уреди во спалната соба за мирен сон.

„Креветот треба да биде позициониран со главата кон цврст ѕид. Ставете мали масички со фиоки на двете страни од креветот. Еднa од клучните карактеристики на фенг шуи е токму балансот, така што имањето работи во двојки е доста важно, особено за спалната соба“.

Бидете свесни за боите што ги носите 

Облеката е доста важна. Традиционалните сезонски бои се зелената и црвената.

„Црвената го претставува елементот оган, а зелената – дрвото. Огнот го гори дрвото, станувајќи посилен. Балансирајте ја црвената боја со бои на водата, како сината и црната“, објаснува Кромер.

Расчистување на просторот по празниците

Откако забавите и роднините ќе ги снема, Кромер препорачува горење на темјан или миризливи стапчиња низ куќата, како и да се отворат вратите и прозорците за внесување на свеж воздух. Ова ќе помогне да се исчисти целиот стрес.