ДОНКИХОТОВСКИ Е ВО ДРЖАВАВА ДА СЕ ЗАНИМАВАШ СО СТРИП, ВЕЛИ ВАНЕ ТРАЈКОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СТРИП ЦЕНТАРОТ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес го продолжува континуитетот на стрип изданија на македонски јазик. И годинава издаде четири стрип книги: „Хавана – САД“ од Гани Јакупи од Шпанија, „Вековници – Реквием“ од Марко Стојановиќ, Марко Николиќ и Дејан Ненадов од Србија, „1990-1999 Визуелна хроника на македонскиот стрип“ од Александар Стеванов и „Итар Пејо 3“ од Диме Иванов-Димано. Освен овие четири книги, центарот објави и два броја од списанието „Стрип креатор“, 29. и 30. број.

„Со издавањето на ‘Итар Пејо’, го завршивме овој опус. Авторот се откажа од хонорарот само за да излезе книгата, бидејќи имавме средства само за печатење. Таа е во луксузно издание, тврд повез и во боја. Пригодна е за деца“, вели Ване Трајков, претседател на Стрип центарот.

Изданијата можат да се набават во „Бункер“ во Скопје и во Стрип центарот во Велес (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Изданијата се финансирани од Министерството за култура. Годинава, поради помал фонд на одобрени пари, не ја отпечатиле стрип книгата за Св. Кирил и Методиј од Миле Топуз, доајен на македонскиот стрип. Тој на 87 години ја нацртал книгата на 46 страници, по негово сценарио за само половина година. Се надеваат дека ова дело ќе добие средства за следната година и ќе биде отпечатено.

„Изданијата можат да се набават во продавницата ‘Бункер’ во Скопје или кај нас, во Стрип центарот во Велес. За споредба, во Хрватска се издаваат по два стрип наслова на ден, во Србија тоа е неделно, кај нас од сите издавачи имаме десет наслови годишно. Во други земји се субвенционира стрип уметноста. Кај нас, донкихотовски е да се занимаваш со неа. Во разговор со издавачките куќи од Србија, чии стрипови се продаваа и во Македонија, тие се жалеа на ниската продажба“, рече Трајков.

П. ПЕЧКОВ