ФРЕНК ЛОЈД РАЈТ ГО ДИЗАЈНИРАЛ МУЗЕЈОТ „ГУГЕНХАЈМ“, НО И КУЌИЧКА ЗА КУЧЕ ЗА 12-ГОДИШНО МОМЧЕ

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Прославениот американски архитект Френк Лојд Рајт дизајнирал повеќе од 1.000 објекти во својата кариера, како музејот „Гугенхајм“ во Њујорк, но на барање на 12-годишно момче проектирал и куќичка за куче.

Џим Бергер пораснал во Сан Анселмо, Калифорнија, во куќа што ја дизајнирал Рајт. Во 1956, кога имал 12 години, му испратил писмо на Рајт, барајќи да му нацрта план за куќичка за неговиот лабрадор Еди.

„Би ценел ако би ми дизајнирале куќарка што ќе може лесно да се направи. Ми треба само за зимскиот период“, стоело во писмото на Бергер.

Рајт му одговорил дека е многу зафатен и го советувал Бергер повторно да му пише за неколку месеци. Следната година, Рајт му го испратил планот за куќарката, без да му наплати.

Таткото и братот на Бергер ја изградиле куќарката дури шест години подоцна, откако Џим отишол во војска. Сепак, нивното куче воопшто не ја користело, па таа завршила на отпад во 1970.

Реплика на куќарката од минатиот месец е постојано изложена во Граѓанскиот центар на округот Марин во Сан Рафаел, Калифорнија, кој исто така е дизајниран од Рајт.