ГЕРМАНСКИОТ ФОТОГРАФ МОЛИТОР СО ИЗЛОЖБА ВО МСУ ЗА 100 ГОДИНИ БАУХАУС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, во Музејот на современа уметност во Скопје (МСУ) ќе се отвори изложбата „Бау1хаус“ на берлинскиот фотограф Жан Молитор. Изложбата се реализира во соработка со Амбасадата на Германија и Архитектонски факултет во Скопје по повод стогодишнината на исклучително влијателната архитектонска школа Баухаус.

Ќе бидат изложени 50 фотографии што ја прикажуваат архитектурата на модерната. Молитор патува низ светот веќе десет години и преку својот проект „Бау1хаус“ го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура.

„Во рамките на изложбената поставка, поместен е и избор на фотографии кои упатуваат на неколку значајни градби извлечени од ткивото на Скопје. Тие се само дел од градбите кои сведочат за начинот на кој Скопје ја апсорбира естетиката на европските авангардни правци, сѐ она што Молитор широко го вбројува во Баухаус, а мислејќи пред сѐ на новите функционалност, естетика и метод на обмислување и создавање архитектура“, велат од МСУ.

Утре во 19 часот, во киносалата на МСУ ќе биде прикажан долгометражниот документарен филм „Духот на Баухаус“ на Нилс Болбрикер и Томас Тилш.