„ГОЛФ“ НАПОЛНИ 45 ГОДИНИ – НА СЕКОИ 41 СЕКУНДА СЕ ПРОДАВА ПО ЕДЕН ПРИМЕРОК

Волфзбург, (Мотор1)

29 март е еден од најважните датуми во историјата на „Фолксваген“. На тој ден е роден „голф“, кој иако вчера го прослави својот 45. роденден, останува еден од најпопуларните автомобили на светот.

„Фолксваген“ оваа година ќе го лансира својот прв електричен автомобил, но не го занемарува ниту „голфот“, чија осма генерација треба да се појави во 2020.

Седмата генерација беше претставена во 2012

Според податоците што ги објави „Фолксваген“, досега се продадени 35 милиони „голфови“ низ цел свет, што е во просек 780.000 годишно, односно по еден примерок на секои 41 секунда.

„‘Голфот‘ е самото срце на нашиот бренд и пример за напредок и технологија како ниту еден друг автомобил. ‘Голф‘ беше првиот автомобил кој на милиони луѓе ја овозможи безбедносната технологија. Благодарение на ова, тој остави трага во цели генерации и го направи ‘Фолксваген‘ еден од најзначајните автопроизводители на светот“, изјави Ралф Брандштетер, главниот оперативен шеф на „Фолксваген“.