Од сите Бонд автомобили, ретко кој може да се споредува со „астон мартин ДБ5“. Тој не само што имаше незаборавни моменти во „Голдфингер“, туку потоа се појави во уште четири други филмови од серијалот.

„ДБ5“, целосно заснован врз оригиналниот модел од 1964 година, повторно ќе биде направен, како резултат на соработката на „Астон мартин“ и „ЕОН“, компанијата која ги продуцира филмовите за Џејмс Бонд.

Притоа ќе бидат произведени само 28 примероци и тие ќе ги содржат сите функционални додатоци, вклучувајќи ги регистарските таблички што се вртат. Автоматските оружја и седиштето што се исфрлува не се споменуваат.

„Врската помеѓу ‘Астон мартин‘ и Џејмс Бонд е нешто на што сме многу горди. И по толку многу време, ‘ДБ5‘ останува најпрепознатливиот автомобил на Бонд. Да се има ‘астон мартин‘ е желба на секој фан на Џејмс Бонд, но да се има сребрен ‘ДБ5‘ е веќе ултимативна фантазија на колекционерите“, изјави претседателот на „Астон мартин“, Енди Палмер.

За ова задоволство ќе мора да се издвојат 3,5 милиони долари. Во јавна продажба ќе бидат пуштени само 25 од 28-те возила, а ќе бидат готови до 2020 година.