РАМБО АМАДЕУС ЗА ПРВПАТ СО СВОЈАТА СТЕНД АП ТРАГИКОМЕДИЈА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Рамбо Амадеус многупати свирел во Македонија во последните 30-ина години, но во следната прилика ќе може да се види во едно поинакво издание.

Во рамките на 20. издание на фестивалот „Таксират“, црногорскиот уметник за првпат пред македонската публика ќе го претстави својот театарско-сценски перформанс „Вечер на гломазна поезија“, што ќе се одржи во кино Фросина на 3 декември. Тој ќе ја рецитира својата поезија во придружба на пијанистот Иван Алексијевиќ-Панчевац.

„Македонската публика за првпат ќе има можност да ужива во театарско-сценската програма со трагикомична содржина, која претставува комбинација на неговите експресивни, метафорични, духовити и саркастични поезија, проза и филозофија, со која тој веќе неколку години гостува ширум регионот и Европа“, велат од „Таксират“.

Самиот Рамбо го опишува својот перформанс како своевидна стенд ап трагикомедија.

„Тоа е единствена претстава, која на лаконски, сликовит и непретенциозен начин ги сецира општеството и поединецот, кој се обидува да опстане во него и да го пронајде своето парче среќа“, вели тој.

Картите во ограничен број ќе се продаваат по цена од 500 денари.