ЛЕДЕНИОТ ХОТЕЛ ВО ШВЕДСКА СЕ ОТВОРИ ПО 32. ПАТ, ПРВПАТ СОДРЖИ ЦВЕЌИЊА И РАСТЕНИЈА

Стокхолм, (Си-Ен-Ен)

Ледениот хотел во Шведска го претстави своето 32. издание и вклучува апартман дизајниран од шведскиот принц Карл Филип. Наречен „Сон на летната ноќ“, апартманот содржи цвеќиња и растенија во ледени блокови, што е новина за хотелот сместен 200 километри северно од Арктичкиот Круг.

Синот на шведскиот крал Карл Густаф и кралицата Силвија е меѓу 27 дизајнери и уметници од цел свет кои биле поканети да го креираат најновото издание на хотелот од 2.870 квадратни метри. „Ајсхотел“ овојпат се состои од 12 уметнички апартмани, 24 ледени соби и церемонијална сала.

„Ајсхотел“ е основан од Ингве Бергквист во 1989 и оттогаш, секоја зима одново се гради и по неколку месеци се топи со доаѓањето на потоплите температури.

Хотелот оваа година се градеше шест недели, при што биле искористени 25.000 кубици мраз и снег од реката Тоне, што е рамно на големината на десет олимписки базени. Во хотелот има и лустери кои содржат 200 рачно изработени ледени кристали. Тој ќе може да се посети до април 2022.

(Фото: Ајсхотел)