„Лего“ лансираше верзија на своите популарни пластични коцки со Брајово писмо, кои се достапни во седум држави. Тие го имаат истиот облик како стандардните коцки, но столпчињата на врвот се поинаку распоредени.
„Коцките се така обликувани за столпчињата на врвот да ги одразуваат поединечните букви и бројки од Брајовото писмо, додека тие остануваат целосно компатибилни со системот на Лего“, соопшти данската компанија, која овој проект го најави во април минатата година.
Од „Лего“ велат дека сакаат да ги охрабрат слепите деца и оние со оштетен вид да истражуваат нови начини на учење да читаат и пишуваат.
Новите коцки засега ќе се продаваат во Бразил, Велика Британија, Данска, Франција, Германија, Норвешка и САД, а во 2021 ќе бидат проширени на уште 13 јазици. Секој комплет содржи повеќе од 300 коцки.