Во Велес е промовирана брошурата „Приказна за една идеја“ отпечатена на Брајово писмо, наменета за лицата со оштетен вид. Изработена е како дел од програмата „Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности“ на волонтерите на Општинската организација на Црвен крст Велес. Инспирирана е од животот на Анри Динан, основачот на Црвениот крст, а издадена во чест на Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, 8 мај.
„Брошурата ја раскажува приказната за основањето на Црвениот крст, хуманата идеја од која произлегло движењето, како и за значењето на солидарноста, хуманоста и помошта кон луѓето на кои им е најпотребна. Со нејзината изработка на Брајово писмо, младите овозможија оваа важна приказна да биде достапна и за лицата со оштетен вид, испраќајќи силна порака за еднаквост и инклузија“, кажа Матеја Матева, волонтерка во велешкиот Црвен крст.
Промоцијата се одржа во медиотеката на Градската библиотека „Гоце Делчев“. Неколку примероци од брошурата беа подарени на библиотеката, која има простор со книги на Брајово писмо.
П. ПЕЧКОВ