„ЛЕКСУС“ ГО ПОКАЖА СВОЈОТ ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОМОБИЛ НА ИДНИНАТА

Токио, (Мотор1)

„Лексус“ пристигна на Автосаемот во Токио, што официјално се отвора утре, со својата визија за електричен автомобил на иднината преточена во моделот „ЛФ-30“. Првиот електричен „лексус“ доаѓа наредниот месец, а потоа електрификацијата ќе ја опфати целата понуда.

Дизајнерите си дадоа голема слобода при обликувањето на „ЛФ-30“, давајќи му голем панорамски покрив што се прелева во ветробранско стакло и врати што се отвораат како крилја.

Иако не изгледа голем на прв поглед, „ЛФ-30“ е долг нешто повеќе од пет метри и тежи 2.400 килограми, а го придвижува пакет од четири електрични мотори, по еден во секое тркало. Тие заедно развиваат 536 коњски сили, овозможувајќи забрзување до 100 километри на час за 3,8 секунди и максимална брзина од 200 км/час. Со едно полнење, тој наводно може да помине до 500 километри.

Замислен за 2030 година, „ЛФ-30“ треба да има и функција на автономно возење, но компанијата не даде детали за тоа, а посебен футуристички шмек му дава „Lexus Airporter“, дрон технологија, која, на пример, ќе може да го земе багажот и да го смести во автомобилот.