„ЛОТУС ЕВИЈА“ НАЈАВЕН КАКО НАЈМОЌНИОТ ДРУМСКИ АВТОМОБИЛ НА СВЕТОТ

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Британскиот производител на спортски автомобили „Лотус“ го претстави својот нов електричен хиперавтомобил кој ќе може да развие 1.900 коњски сили и ќе чини повеќе од два милиона долари.

„Евија“ е големо отстапување од досегашната практика на „Лотус“, позната по мали спортски автомобили со подостапни цени, како „елиз“ од 52.000 долари или „евора“ од помалку од 100.000 долари.

„Евија“ се најавува како „најмоќниот друмски автомобил на светот кој ќе оди во сериско производство“. Тој ќе има четири електрични мотори со вкупно 1.900 коњски сили и од компанијата тврдат дека до 100 км/час ќе забрзува за само три секунди. Максимално ќе може да развие 320 км/час.

„‘Лотус евија‘ е автомобил како ниеден друг. Тој ќе го врати нашиот бренд во срцата и умовите на фановите на спортски автомобили, како и на светската автомобилска сцена. Тој ќе ги постави основите и на нашите идни визионерски модели“, изјави извршниот шеф на „Лотус“, Фил Пофам.

Оттаму додаваат дека батериите на „евија“ ќе се полнат за само девет минути, што е најбрзо на светот, но за тоа е потребен полнач од 800 киловати, а таков сѐ уште не постои. Моментално, најмоќните полначи се од 350 киловати, што е доволно батериите на „евија“ да се наполнат до 80% за 12 минути. Со едно полнење ќе можат да се поминат 400 километри.