Електричните скутери оваа година со голема брзина ги преплавија европските улици и автомобилските гиганти ја искористија шансата да се испробаат и во сегментот микромобилност.

„Мерцедес-Бенц“ е последната голема автокомпанија која влезе во светот на електрични скутери, откако тивко го најави својот производ на неодамнешниот Автосаем во Франкфурт. Направен во соработка со швајцарската компанија за скутери „Микро“, тој треба да се појави на пазарот во почетокот на 2020 година.

„Електричните скутери беа дозволени на германските улици дури од овој јуни и веќе е тешко да се замисли сообраќај без нив. Тие се совршен начин за брзо поминување помали дистанци, без да се штети на животната средина“, објавија од „Мерцедес-Бенц“, не откривајќи никакви детали за дометот, максималната брзина или други спецификации.

Некои беа и побрзи. „Е-скутер“ на „БМВ“ ќе чини 800 евра и ќе се појави оваа есен, а со едно полнење ќе можат да се поминат 12 километри. Електричниот скутер на „Ауди“ ќе има речиси двојно поголем домет, но ќе чини околу 2.000 евра и доаѓа на крајот на 2020.