НАЈЕВТИНИОТ АВТОМОБИЛ НА СВЕТОТ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА СЕ ПРОИЗВЕДУВА

Њу Делхи, (ЦНЕТ)

Деновите на „тата нано“, најевтиниот автомобил на светот, се одбројани.

Најавен дека ќе биде „форд“ на 21. век, односно автомобил што ќе ја моторизира Индија, револуцијата на „тата нано“ изостана и компанијата објави дека минатиот месец произвела само еден примерок. Истиот период лани, биле произведени 275 возила и „Тата“ соопшти дека автомобилот „нема да ја преживее 2019 година, бидејќи се потребни големи вложувања“.

„Тата нано“ се појави на индискиот пазар во 2008 година по цена од само 100.000 рупии, односно 1.500 долари. Цената, во меѓувреме, се зголемуваше и денес за него треба да се издвојат околу 3.500 долари, што се чини премногу за автомобил со еден бришач и со двоцилиндричен мотор со 38 коњски сили.

Во најдобрите времиња, „Тата“ го продаваше „нано“ во 75.000 примероци годишно, додека ланскиот тираж изнесуваше само 1.500.