НАЈГОЛЕМИОТ ЕЛЕКТРИЧЕН АВИОН НА СВЕТОТ ЌЕ ГО ИМА ПРВИОТ ПРОБЕН ЛЕТ

Сиетл, (Гардијан)

Најголемиот електричен авион на светот денеска ќе го има својот прв пробен лет во американската сојузна држава Вашингтон. Се очекува летот на „цесна караван 208“ да трае меѓу 20 и 30 минути.

Овој авион може да прими девет патници, но на пробниот лет ќе биде само пилотот, кој ќе лета со 183 километри на час.

„Магникс“, компанијата која го создаде електричниот мотор, се надева дека вакви авиони ќе влезат во комерцијална употреба до крајот на 2021 година. Моторот „магни500“ испорачува 750 коњски сили и овозможува да се поминат 160 километри.

Роеј Ганзарски, извршниот директор на „Магникс“, вели дека сегашните авиони се скапи и многу загадуваат.

„Електричните авиони ќе ги намалат трошоците за 40-70% на еден час лет. Тоа значи дека компаниите ќе можат да летаат повеќе авиони на помали аеродроми, без штетни емисии“, смета Ганзарски.

„Магникс“ не е единствената компанија која работи на електрифицирање на воздушниот сообраќај. Вакви проекти развиваат и „Убер“, „Ербас“, „Ролс-Ројс“ и неколку стартап компании.