НАЈЛОШО ЧУВАНАТА ТАЈНА НА „ТОЈОТА“ – „СУПРА“ СЕ ВРАЌА ПО 17 ГОДИНИ

Детроит, (АП)

По неколку месеци шпекулации и неколку недели навестувања, „Тојота“ на Автосаемот во Детроит конечно ја покажа оживеаната верзија на својот спортски автомобил „супра“.

„Тојота“ престана да ја произведува „супра“ во 2002 година и претседателот Акио Тојода се пошегува дека нејзиното враќање беше една од најлошо чуваните тајни на компанијата.

Компанијата соопшти дека почетната цена на „2020 супра“ ќе биде околу 50.000 долари. Таа ќе доаѓа со 3,0-литарски мотор, што ќе може да развие 355 коњски сили. До 100 километри на час ќе забрзува за 4,1 секунда.

„Иако спортски автомобил, ‘супра‘ е дизајнирана со секој возач во мислите, без разлика на неговите вештини. Таа се враќа некаде во текот на оваа година“, соопшти компанијата.

Тојода откри дека првата нова „супра“ ќе биде продадена на аукција, што ќе се одржи в сабота во Скотсдејл, Аризона.

„Оваа уникатна ‘супра‘ ќе биде првиот ваков автомобил достапен во САД по повеќе од 20 години“, кажа Тојода.