НАЦИОНАЛНАТА АВИОКОМПАНИЈА НА НОВ ЗЕЛАНД ПРВА ЌЕ ВОВЕДЕ КРЕВЕТИ И ЗА ПАТНИЦИТЕ ОД ЕКОНОМСКАТА КЛАСА

Окленд, (Гардијан)

Новозеландската национална авиокомпанија наскоро ќе им овозможи на своите патници од економската класа да поспијат во специјални капсули, како обид да привлече повеќе патници на ултрадолгите летови.

„Ер Њу Зиланд“ вели дека прва на светот воведува вакви кабини, кои ќе имаат кревети на спрат, душек и постелнина, која ќе се менува по секое користење. Тие исто така ќе содржат завеса, УСБ-полнач и вентилација.

Патниците ќе имаат можност да ги резервираат на четири часа, за што ќе се доплаќа.

Кабините наречени „скајнест“ ќе бидат воведени во 2024 година и се предвидени за летовите од Окленд до Њујорк и Чикаго, кои траат повеќе од 17 часа.