НЕ ЧЕКАЈТЕ ГОТОВИ ПАРИ, РАБОТЕТЕ ПОВЕЌЕ РАБОТИ И БИДЕТЕ ЉУБОПИТНИ, ВЕЛАТ ГЕРМАНСКИТЕ ГОСТИ НА СКОПСКАТА НЕДЕЛА НА ДИЗАЈН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Да се побие митот дека еден производ треба да биде атрактивен за да се изложи и продаде е целта на годинашното, осмо издание на скопската Недела на дизајн, која трае до 25 ноември. Организаторите годинава ја поставија темата „Објективност“, а со своите креации и идеи, во Јавна соба се претставија 12 водечки студија за дизајн од Германија, која е избрана за земја во фокус.

Олга Биелавска е дизајнерка од Хамбург, родена во Варшава, која дипломирала на Баухаус универзитетот во Вајмар. На 25-годишна возраст, со колешката Астрид Шидкоф основала фирма за производи за секојдневен живот, но за време на светската економска криза во 2006 година, тешко им одело со инвестиции и се разделиле.

Биелавска во Скопје се претставува со повеќе производи, како нејзиниот прв индустриски дизајн, две огледала, и ламби од бакар (Фото: К. Попов)

„Работев повеќе работи и потоа основав свое студио. Одлично е да работиш со некого. Јас, на пример, повеќе сум креативна личност и сакам да работам со некој кој е организациски тип. Тешко ми беше кога почнав сама да работам, посетував многу саеми за мебел и изложби. Во еден момент си поставив рок и почнав со 3-4 продукти“, ни рече Биелавска.

Во Скопје се претставува со повеќе производи, како нејзиниот прв индустриски дизајн, две огледала, и ламби од бакар. Радосно додава дека токму за ламбите добила нарачка за 200 парчиња од ресторан во Саудиска Арабија и дека сама ги пакува и го организира транспортот. Работи со различни материјали, стакло, бакар, графика и метал, затоа што дизајнот за неа не е ограничен само на едно нешто.

На младите дизајнери им порачува дека почетокот е тежок и дека за да соберат повеќе пари, корисно е да работат повеќе работи.

„Мене лично ми беа многу тешки првите години, правев прототипи и ги претставував, па бев ограничена да работам со фирми за евтини материјали. Почнав со мали чекори, но имав среќа да најдам фирми што ми ги произведуваат производите и инвестицијата се исплатеше“, рече таа.

Кристоф Хауф студирал во Пенсилванија, живеел во Њујорк и Берлин, а сега работи на основање на свое студио во Карлсруе.

Хауф вели дека за левото огледало важно му било да му даде карактер и да наликува на смајли, а пак другото е во трапезоидна форма и не е потребна рамка за да се закачи (Фото: К. Попов)

„Во почеток работев за други, што на некој начин е аналитичко размислување, затоа што мора да дизајнираш за некој друг, но ти помага да развиеш што сакаш, а што не“, вели Хауф.

Во Јавна соба се изложени негови предмети, како огледала, полици и прототип на продолжен кабел.

„За мене се важни два принципи, отвореност и едноставност. Во однос на полиците, важно е дека може да се состават без алат, што е многу корисно при преселби. Едно од огледалата е во трапезоидна форма и не ви треба рамка за да го закачите. Што се однесува до продолжениот кабел, сакав да направам поедноставен модел. Тоа ми е нов производ, првпат го изложувам и стискам палци дека наскоро ќе најдам фирма која ќе го произведува“, вели Хауф.

За полиците, важно е дека може да се состават без алат, што е многу корисно при преселби (Фото: К. Попов)

„Бидете љубопитни и патувајте многу. Кога патувате ви се менуваат перспективата и начинот на гледање на нештата. Бидете љубопитни на сите полиња, не само во дизајн на производи“, е неговата порака за македонските дизајнери.

Лаура Герс се претставува со маса сервирана со прибор за морска храна, проект кој годинава бил изложен во Франкфурт и за кој има нарачки од ресторани (Фото: К. Попов)

Дваесет и деветгодишната Лаура Герс по завршувањето на Академијата за уметност и дизајн во Кил во 2013 година била шест месеци на студиски престој во Шпанија. Била стипендист на „Вилерој и Бош“, работела во германска фирма за порцелан, а во 2016 година дипломирала дизајн на продукти во Берлин, со фокус на култура на поставување маси и готвење.

Засега работи како слободен дизајнер, но вели дека сака да работи во тим, да дели идеи и да учи.

„Сакам кога се учи еден од друг, не сакам кога работата се претвора во натпревар“, вели таа.

Приборот е изработен од црн и бел порцелан, а специфичните линии на чиниите и на лажиците се инспирирани од структурите кои го има во песокот (Фото: К. Попов)

На скопската Недела на дизајн таа се претставува со маса сервирана со прибор за морска храна, проект кој годинава бил изложен во Франкфурт и за кој има нарачки од ресторани. Приборот е изработен од црн и бел порцелан, а специфичните линии на чиниите и лажиците се инспирирани од песочни структури.

„Сакав да ја донесам суровата материја на морето на маса и со тоа да бидете повеќе поврзани со природата“, ни рече таа и додава дека стаклените чаши се рачна изработка од фабрика во близина на Берлин и во нив може да се најде песок и токму затоа секоја е различна.

„На младите дизајнери би им порачала да бидат храбри, да аплицираат на натпревари, каде ќе се запознаат со луѓе од разни компании и особено со медиуми. Така може да добиете и понуди за работа и договори“, вели Герс.

Б. НЕСТОРОСКА