Мили Боби Браун, 14-годишната ѕвезда на хит-серијата „Непознати нешта“ на „Нетфликс“, е именувана за најмладиот амбасадор на добра волја на Обединети нации ѝ притоа им порача на светските лидери „да ги слушаат младите“.

„Сакам да го свртам вниманието кон проблемите со образованието и насилството, да се стави крај на малтретирањето во училиштата, сакам секое дете да живее во безбедно опкружување и да има пристап кон чиста вода“, изјави Браун.

Младата актерка номинирана за наградата Еми откри дека и самата била предмет на малтретирање и неодамна го избриша својот профил на Твитер откако се соочи со коментари исполнети со омраза.

„Слушајте нѐ нас! Младината е многу моќна“, кажа Браун, додавајќи дека ќе го искористи својот профил на Инстаграм, кадешто има 18 милиони следбеници, за да ги шири своите пораки.

Браун е најмладата личност која влезе во годишната листа на 100-те највлијателни луѓе на светот, што ја прави магазинот „Тајм“.