„Киа“ разви нов прототип на електричен тротинет кој може да се склопи во три дела и има домет од 20 километри. Тој исто така доби погон на задното тркало за подобра стабилност и силна литиумска батерија.
„Хјундаи мотор груп“, на која ѝ припаѓа и „Киа“, сака на своите купувачи да им обезбеди мобилност со технологијата „first and last mile“, која предвидува интегрирање на тротинетот во други возила и негово автоматско полнење додека трае возењето, со што без проблеми може да се доврши последниот километар од патувањето.
„Ова е тротинет што ќе може да се интегрира во нашите идни возила. Сакаме на нашите муштерии да им овозможиме што поедноставен и поудобен живот. Нашиот електричен тротинет ги прави првиот и последниот километар забавни“, вели Донг Јин Хјун, водителот на одделот за роботика на „Киа“.
Овој тротинет доаѓа со литиумска батерија со капацитет од 10,5 ампер/часови и овозможува со едно полнење да се поминат 20 километри, како и максимална брзина од 20 км/час. Неговата тежина изнесува 7,7 килограми.