Триото на Сашо Поповски и францускиот квинтет „Белмондо“ ја заокружуваат програмата на 39. издание на Скопски џез фестивал, кое се одржуваше пред ограничен број гледачи, но со преноси на интернет и телевизија.

Поповски е џез гитарист и композитор кој неодамна го издаде петтиот албум „Fallen Land“, снимен со членовите на своето трио, Иван Бејков на контрабас и Виктор Филиповски на тапани.

Музиката на Сашо Поповски има чисти линии, сложени структури и развиена фантазија. Ритмички и мелодиски, таа потсетува на ориентални обрасци, што ја прави малку мистична“, велат од Скопски џез фестивал.

Квинтетот „Белмондо“ е предводен од браќата Лионел (саксофон/флејта) и Стефан Белмондо (труба/флигел хорна), кои се дел од џез сцената веќе четврт век.

Квинтетот ‘Белмондо‘ практично е ол-стар бенд со ретка духовна енергија што ќе ве потсети на Џон Колтрејн и ќе ве остави без здив“, најавуваат од СЏФ.

Концертите во Националната опера и балет почнуваат од 20 часот, а од 23 часот ќе може да се проследи ексклузивен стриминг од Њујорк, од настапот на дуото Крис Дејвис-Ингрид Лоброк.