НОВОГОДИШНИ ЕЛКИ ОД МЕТАЛ, ЛЕГО КОЦКИ И СУВО ЦВЕЌЕ – ФОТОГАЛЕРИЈА

Лондон, (Дезин)

Скопје оваа година излезе од вообичаеното и постави модерна, дигитална новогодишна елка на централниот плоштад. Интернет страницата за дизајн и архитектура „Дезин“ направи избор на необични и креативни новогодишни елки низ светот, меѓу кои има и креации инспирирани од Баухаус правецот и една составена од лего коцки.

Елка – решетка во Сингапур

Метални коцки во светли бои се наредени една врз друга и формираат елка која наликува на решетка. Дизајнот е на креативната агенција „АутерЕдит“ и е поставена во трговски центар.

Елка од суво цвеќе во Лондон

Оваа елка е направена од осум видови исушени цвеќиња во различна фаза на распаѓање и не ѝ треба друга декорација.

БаумХаус во Мадрид

Шпанскиот архитект Серхио Себастијан направи триаголна метална структура висока 24 метри, која е поставена на плоштад во Мадрид. Името е спој на зборовите баум, што на германски значи дрво и хаус од Баухаус, славната архитектонска школа која годинава прослави 100 години.

Божиќен лего змеј во Лондон

Компанијата „Лего“ оваа година доби задача да го украси лондонскиот хотел „Савој“ и го направи тоа со голем број коцки кои формираат божиќен змеј.

Дрво на слободата во Лондон

Во продавницата на „Либерти“ во Лондон е поставена инсталација на дрво кое изгледа како да е од книгата „Алиса во земјата на чудата“.

Баухаус – Оревокршачка во Лос Анџелес

Дизајнерот Вило Перон, кој работел сценски дизајн на концертите на Ријана, Дрејк и Канје Вест, направи украси од два, пет и осум метри што потсетуваат на чистите линии на Баухаус, а, сепак, се во форма на новогодишна елка.