„ПОРШЕ“ ИЗГРАДИ НОВА ЕКОЛОШКА ФАБРИКА ЗА СВОЈОТ ПРВ ЕЛЕКТРИЧЕН МОДЕЛ „ТАЈКАН“

Франкфурт, (Мотор1)

Четири години откако ја најави својата електрична иднина со концептот „мишн Е“, „Порше“ оваа недела конечно го откри изгледот на својот прв електричен модел „тајкан“, кој ќе има премиера на претстојното Моторшоу во Франкфурт. Компанијата сега објави дека неговото производство почнува утре, и тоа во новата фабрика во Цуфенхаузен, која се градеше помалку од четири години.

Оваа „фабрика на иднината“, како што беше наречена, е јаглеродно неутрална, па нема да има штетно влијание на животната средина и ќе користи само обновливи извори на енергија, вклучувајќи биогас, како и електрични возила за логистика.

Новата фабрика во Цуфенхаузен се градеше речиси четири години

Во фабриката ќе има доста работа, имајќи предвид дека однапред биле нарачани повеќе од 30.000 автомобили.

„Порше“ за почеток ќе понуди две верзии на „тајкан“ – „турбо“ и „турбо С“. И двете произведуваат 616 коњски сили, но првата може да се засили до 671, а втората до 751 коњска сила. И додека „турбо С“ има повеќе сила, „турбо“ може да се пофали со поголем домет – 380-448, наспроти 385-410 километри, засновано на тестирањата во Европа.

Иако е рано за споредби, „тајкан“ важи за прв вистински конкурент на „Тесла“, но проблем може да биде неговата цена: „турбо“ стартува од 153.310, а „турбо С“ од 187.610 долари.