Публиката и критичарите беа воодушевени по премиерата на „Џокер“ на Венецискиот филмски фестивал, а синоќа и жирито го награди со највисоката награда, престижниот Златен лав за најдобар филм.

Многумина го опишуваат филмот на Тод Филипс, со Хоакин Феникс во насловната улога, како ремек-дело со мрачен, брутален и изненадувачки тон. Големи пофалби добива особено Феникс и веќе му се предвидува Оскар. Филмот е снимен за 55 милиони долари, што е ниска сума за критериумите на холивудски блокбастери. „Џокер“ доаѓа во кината на 4 октомври и предвидувањата се дека во првиот викенд во САД ќе заработи од 85 до 105 милиони долари.

При добивањето на наградата, Филипс им се заблагодари на „Ворнер брос“ и на „Ди-Си комикс“, а особено на Феникс за, како што рече, довербата која му ја дал.

„Глумата на Феникс е извонредна. Тој ослабнал за улогата, така што неговите ребра и рамена се испакнати, а тоа му се истакнува и на лицето. Со темните веѓи, испакнатите очи и со мрсната коса, Феникс игра чудак со незапирлив ум, но, сепак, толку го контролира што воодушевува“, пишува „Вараети“.

Златниот лав изминативе години беше предвесник на најголемите филмски награди, откако филмови како  „Рома“ и „Обликот на водата“ по премиерите во Венеција освоија низа оскари.