РАКОПИСОТ НА ГРЕТА ТУНБЕРГ ПРЕТВОРЕН ВО ФОНТ

Њујорк, (ДПА)

Глобалното движење против климатски промени „Петоците за иднината“ произлезе од соло протестите на тинејџерката Грета Тунберг пред зградата на шведскиот парламент. Тогаш 15-годишна, Тунберг секој петок доаѓаше со паролата „Skolstrejk for klimatet“ (училиштен штрајк за климата) и нејзиниот ракопис сега е претворен во фонт.

Њујоршката дизајнерка Тал Шуб се инспирирала од младата шведска активистка за да го создаде фонтот „Грета гротеск“, кој може слободно да се користи. Таа вели дека почнала од буквите што Тунберг ги напишала на својата парола, а потоа го обликувала и остатокот на азбуката.

Од првиот момент кога ја видов паролата бев импресионирана од храбриот дизајн и јасната порака. Нејзиниот знак е легендарно парче на визуелна комуникација и неговиот дизајн има централно значење за целото движење. Знакот буквално ве гледа во лицето“, изјави Шуб.

Таа се надева дека нејзиниот фонт ќе се користи и на други протести поврзани со климатски промени.