„ШКОДА“ ЈА ПРЕТСТАВИ „СКАЛА“, ЧЕШКИОТ ОДГОВОР НА „ГОЛФ“

Тел Авив, (Мотор1)

„Шкода“ го претстави својот нов модел „скала“, со кој ќе се обиде да им конкурира на „голф“, „сеат леон“ и на „форд фокус“ во сегментот компактен хечбек. Место да го чека Автосаемот во Женева наредната година, чешката компанија си организираше приватен настан во Тел Авив, за „скала“ да добие соодветно внимание од јавноста.

Со своите димензии, „скала“ е повисока, подолга и поширока од „рапид спејсбек“ и исто така нешто помала од „голф“. Благодарение на ова, таа доби поголем простор како во кабината, така и во багажникот.

„‘Скала‘ го поплочува патот за свеж израз во дизајнот, што уште повеќе ќе се среќава во годините што доаѓаат“, велат од „Шкода“.

Во понуда ќе бидат четири мотори, во распон од 90 до 150 коњски сили, од кои основниот модел ќе биде трицилиндричниот 1.0 ТСИ со 95 коњски сили, во комбинација со рачен менувач со пет брзини.

„Скала“ треба да се најде во продажба од втората четвртина на 2019.