„Смарт“ е првата автомобилска марка која целосно ќе се префрли на струја, но пред тоа, го претстави својот последен класичен, бензински модел. Едицијата „фајнл колектор“ ќе има само 21 примерок на „смарт форту“, по еден за секоја година од постоењето на компанијата.
Моделот е креиран од „Брабус“ и индустрискиот дизајнер Константин Грчиќ.
„‘Смарт‘ останува повеќе од автомобил, тој претставува една голема визија за нова форма на урбана мобилност. 21 симболизира многу повеќе од бројот на години и значи да се биде слободен, да се пробиваат граници и да се покаже својата бунтовна страна“, вели Грчиќ.
Последниот бензински модел ќе излезе од фабриката во август, по што „Смарт“ ќе почне нова ера, префрлувајќи се на електричен погон наредната година, како обид да се спаси овој симпатичен бренд. „Смарт“ до крајот на годината ќе се повлече од пазарите во Северна Америка и целосно ќе се фокусира на Европа и Кина.