Оние што ќе го посетат Париз следниот месец ќе бидат изненадени кога ќе ја видат Триумфалната порта во сосема ново руво, замотана во светкава обвивка. Станува збор за инсталација на американскиот уметник со бугарско потекло Кристо, која се поставува постхумно, повеќе од една година по неговата смрт.

Работниците веќе почнаа да поставуваат скелиња околу 50 метри високата структура, која ќе биде замотана во сребрено-сина обвивка од рециклирана пластика. Во такво издание ќе стои од 18 септември до 3 октомври.

Замислена во 1961 година од Кристо и неговата сопруга и соработничка Жан-Клод, која почина во 2009, инсталацијата „Триумфална порта, замотана“ конечно ја реализира неговиот внук Владимир Јавачев.

„Ова е само исполнување на ветувањето кон него. Пред да почине, Кристо ми кажа дека повеќе од сè сакал да го реализира овој проект“, кажа Јавачев.

Кристо беше познат по огромни уметнички инсталации, со кои, меѓу другото, ги има покриено германскиот парламент во Берлин и најстариот мост на Сена во Париз.